Верба

Верба

Човекот како живо битие функционира во животот односно прави или не прави нешто исклучиво врз основ на две работи, а тоа се Вербата и Стравот. Колку е стравот поголем толку е вербата помала, но и обратното колку е вербата поголема, толку е стравот помал. Значи можеме да дојдеме до заклучок дека тоа што го движи човекот, тоа што му дава енергија за живот, тоа што му дава мотивација за постигнување повеќе, тоа што е главниот двигател за се, е исклучиво Вербата и ништо друго.

Ако не веруваме дека заслужуваме и можеме да имаме подобар живот од тој што го живееме сега, нема да донесеме одлука да го промениме. Ако не веруваме во себе и во сопствените квалитети нема да поставиме цел. Ако не веруваме дека може да ја оствариме поставената цел нема континуирано да превземаме акција и да акумулираме ново знаење. Вербата е таа која што и во најтешките моменти ни дава сила и енергија да бидеме истрајни, да не застанеме и да постигнеме успех. Верувам значи постојам.

Вербата е клучниот елемент за постигнување успех, затоа Форд рекол: ‘’Ако верувате дека можете да успеете – во право сте, ако верувате дека не можете да успеете – пак сте во право’’, она во што верувате станува Вашата реалност. Ако веруваме дека ќе успееме во се околу нас ќе гледаме шанси, ако не веруваме и не обземат стравот и сомнежот во се околу нас ќе гледаме закани и препреки.

Нашите верувања се тие кои што ги контролираат и управуваат со нашите мисли, мислите влијаат на нашите чувства, односно на нашиот став и превземањето на активности, а пак од превземените активности произлегуваат резултатите кои што го дефинираат нашиот животен стил. Значи нашите верувања ни го одредуваат текот на животот, затоа најважната работа во животот на која што треба да работиме е Вербата, вербата во себе, вербата во невозможното над просечното…